Вовед

Поглед на Кокино

Во 2001 година во Република Македонија, под планинскиот врв Татиќев Камен во општината Старо Нагоричане, беше откриен археолошки локалитет од бронзеното доба во развојот на човековата цивилизација. Пронајдените артефакти во археолошките кампањи, како и спроведената археоастрономска анализа во годините кои следеа, покажаа дека локалитетот ги има сите карактеристики на митска света планина, но и на древна опсерваторија. Денес овој локалитет е познат под името Мегалитска опсерваторија Кокино или едноставно Кокино.
Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа во североисточниот дел на Мекедонија, во близина на границата со Србија (попрецизно: географска ширина 42° 15` 47“, географска должина 21° 57` 32“). Таа се наоѓа во атарот на селото Кокино, на границата со селото Арбанашко. Целиот регион денес е ретко населен, така што во десетината околни села живеат помалку од 1 000 жители.

Изгрејсонце на долгодневница

Во поширокиот регион регистрирани се голем број на археолошки наоѓалишта од неолитскиот до средновековниот период. Тоа значи дека целиот регион има историја во должина од  најмалку 6 000 години преполна со значајни населби, светилишта, настани и личности.